Македонија во борбата против фашизмот

Преглед на претходна тема Преглед на наредна тема Go down

Македонија во борбата против фашизмот

Пишување by king on Сре Јан 14 2015, 21:37

Како резултат на Втората светска војна, во целиот свет, а посебно во Европа и на Балканот, настанаа нови општествени промени.
Ако ја разгледаме картата на Балканот до Втората светска војна, ќе констатираме дека на ова јужно крило од европскиот континент егзистираат пет буржоаско-монархистички држави, со многу нерешени внатрешни проблеми (социјални, национални и други): Југославија, Грција, Романија, Албанија и Бугарија. Во четири од нив непризнат живееше македонскиот народ, кој не уживаше никакви национални права.
Во текот на Втората светска војна, Балканот беше ветрометиште каде што се судираа интересите на фашистичка Италија и нацистичка Германија и на нивните сателити.
Македонскиот народ во овој период во сите делови на Македонија – Вардарскиот, Пиринскиот и Егејскиот – како и во Албанија, одделно или во рамките на отпорот на движењата во државите каде што живееше, зеде активно учество во борбата против фашизмот.
По завршувањето на Народноослободителната и антифашистичка војна во Македонија и Југославија (1941–1945), македонската држава влезе во југословенската федерација, Демократска Федеративна Југославија (ДФЈ), како составен и рамноправен член со државите на другите народи на Југославија.
Со уставно-правните одлуки на АСНОМ, македонскиот народ, врз основа на правото на самоопределување, се здоби со сопствена држава. За првпат во историјата, на еден дел од територијата на Македонија се реализираа вековните стремежи на македонскиот народ за добивање национална и социјална слобода.
Многуте поранешни обиди за здобивање на македонскиот народ со самостојност и сопствена држава претрпуваа неуспех поради различните интереси на големите сили и интересите на соседните балкански држави.
Но, како се дојде до слободата? Како, во текот на антифашистичката борба, дојде до радикални промени во животот на нацијата?
По потпишувањето и пристапувањето на Кралството Југославија кон Тројниот пакт, на 25 март 1941 година во Виена, истиот ден како и наредните денови до 29 март, низ цела Југославија и на територијата на Македонја избувнаа масовни демонстрации против пактот 
Настаните од 27 март во Југославија беа повод Хитлер уште истиот ден да свика советување на Воениот совет во Берлин и да донесе одлука што побргу да ја нападне Југославија и да ја уништи како држава.
Одлуката на Хитлер за напад на Југославија наложи одлагање на предвидениот напад на СССР за 38 дена, како и измени на планот за напад на Грција и негово усогласување со планот за напад на Југославија.
Без претходно објавување војна, на 6 април 1941 година, беше нападната Југославија со учество на педесет и една дивизија со над 800 000 војници (германски, италијански и унгарски, кон кои подоцна се приклучија и бугарски воени единици). За неполни 10 дена Југославија беше заземена и безусловно капитулира
Во планот на Хитлер за брзо ликвидирање на Југославија како држава, Македонија имаше првостепено стратешко значење благодарение на својата положба. На 7 април попладнето, во Скопје навлегоа германските војски, а неколку дена потоа беше заземена цела Македонија
Набргу по капитулацијата, во текот на април, на состаноците одржани во Виена, меѓу министрите за надворешни работи на Италија и Германија – грофот Ќано и фон Рибентроп – беше постигната спогодба за поделба на Југославија.
Територијата на Македонија ја доживеа истата судбина, како и по Балканските војни и Букурешкиот мировен договор од 1913 година, кога беше поделена меѓубалканските сојузници: Грција, Србија и Бугарија 
Делот на Македонија, кој по 1913 година потпадна под Србија и Грција, сега повторно беше разделен меѓу Германија, Италија и Бугарија.
Фашистичка Бугарија, како награда за учеството во агресијата на Југославија, доби поголемиот дел од Вардарска го Македонија, како и Западна Тракија од Егејскиот дел на Македонија. Западна Македонија со градовите и нивните околии: Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар и Струга, јужните делови од Охридско и Преспа, како и источниот дел од Егејска Македонија, беа окупирани од Италија. Италија управуваше со помош на цивилната албанска квислиншка власт. Централниот дел од Егејска Македонија го окупира Германија.
Со новата делба на Македонија и со фашистичката окупација беше доведена во прашање и самата егзистенција на нацијата.
Нападот врз Советскиот Сојуз, на 22 јуни 1941 година, што го изврши фашистичка Германија, имаше силен одраз врз борбеното расположение на народите во целиот свет. Ваквото расположение уште повеќе се засили по потпишувањето на Атлантската повелба, на 14 август 1941 година, меѓу претседателите на Велика Британија и Соединетите Американски Држави – Черчил и Рузвелт – со која, меѓу другото, се изразуваше вербата дека по уништувањето на нацистичката тиранија, ќе се воспостави мир и дека сите народи во своите држави ќе живеат слободно и безбедно...
Тоа борбено расположение се почувствува и во Македонија.
Воспоставувањето на ослободителскиот систем во Македонија ги мобилизира организациите на Комунистичката партија (КП) во Македонија во спроведувањето на антифашистичката платформа на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ), која истакнуваше дека секој народ во борбата против фашистичкиот ослободител го решава и своето право на самоопределување. Тоа најдобро се гледа од ставовите и активностите што самоиницијативно ги преземаа организациите на КП на теренот. Уште во текот на Априлската војна се одржуваа состаноци на месните комитети на КП (Прилеп, Тетово, Куманово), се издаваа директиви за собирање оружје и муниција, за запленување судски архиви и техника, за ослободување затвореници и заробеници. Овие акции и отпори го означија почетокот на подготовките за вооружено востание и започнувањето на борбата против фашизмот во Македонија во 1941 година
КПЈ беше единствена која имаше изградено правилен став по македонското национално прашање и единствена политичка сила која ги повика слободољубивите народи, од ова подрачје, да се вклучат во војната на страната на антифашистичката коалиција. Македонскиот народ беше посебно мотивиран за прифаќање на борбениот повик. Се определи за заедничка борба со прогресивните народи. Првпат во долговековната борба за слобода имаше сојузници. И затоа успеа.
Со нападот на Прилепскиот партизански одред врз бугарскиот полициски участок и други објекти во Прилеп на 11 октомври 1941 година, како и со судирот на Кумановскиот партизански одред на 12 октомври 1941 година, се отвори нова страница во историјата на македонскиот народ и националностите. Македонскиот народ, по интензивни подготовки, се крена на вооружено востание против фашистичките ослободители (германски, бугарски, италијански и квислиншки албански сили) и заедно со другите југословенски народи покажа готовност со ружје во текот на Народноослободителната и антифашистичка војна да се здобие со национална слобода и независност
Единаесетти октомври 1941 година претставува врвен израз на револуционерните и слободарски традиции на македонскиот народ изразени во минатото преку разни буни и востанија: Карпошовото (1689), Разловечкото (1876) и Кресненското (1878), избувнато непосредно по Берлинскиот конгрес. Меѓу востанијата, секако, почесно место зазема Илинденското, од 1903 година.
Во услови на окупација, во 1941 година во Македонија започнаа подготовките за кревање вооружено востание. Во тој правец, организациите на КПJ насочија својата активност на теренот. Резултат на таа активност беа многубројните борбени акции од доаѓањето на ослободителите, кои се изразуваа преку разни диверзии, демонстрации, до вооружени судири и паѓање на првите жртви во текот на јули 1941 година.
Токму затоа, 11 октомври 1941 година дојде како логичен продолжеток на се’ она револуционерно што се случуваше во Македонија во минатите векови и децении. По овој датум, првите партизански одреди (Скопскиот, Прилепскиот и Кумановскиот) им наметнаа на ослободителите поголеми воени судири. Борбата на македонскиот народ и националностите – Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Евреите и други – се издигна на повисок степен и беше предвесник на масовното вооружено востание со антифашистички и ослободителен карактер.
По започнувањето на востанието се засили теророт на ослободителите во Македонија, кој се карактеризираше со масовни апсења, судски процеси, интернирања и сл. Само во Вардарскиот дел на Македонија, според бугарски (судски и полициски) документи, во текот на 1941 година, беа уапсени 1 537 лица. Дел од нив беа ослободени, поголем дел интернирани во сто и трите логори формирани на територијата на Бугарија. На 134 комунисти, членови на СКОЈ и симпатизери, кои беа изведени пред «военополевите» судови, на судските процеси одржани во Скопје, Охрид, Битола и Куманово, им беа изречени 38 смртни казни. Деветнаесет лица беа ослободени и веднаш депортирани, додека на другите 63 лица им беа изречени временски казни во траење од 3 до 20 години строг затвор, или само во текот на 1941 година беа изречени казни во вкупно траење од 578 години. Напоредно со репресалиите на ослободителjат, и отпорот на народот стануваше се’ поразновиден и поотворен. Со тоа бугарската власт целосно се разобличи како ослободителска
Процесот на развитокот на органите на борбата што почна во текот на 1941 година, се повеќе се развиваше. Како резултат на тоа, во летото на 1942 година, на теренот во Азот – Велешко, потоа во Прилепско и Крушевско, се одржаа и првите реонски советувања на тајните комитети од овие подрачја. Во овој период, на територијата на Македонија, дејствуваа девет партизански одреди, кои преку судирите со фашистичките ослободителски сили успеаја да создадат полуслободни и слободни територии, како што беше случајот во Велешко и во Преспа. На овие територии, органите на НОБ постепено почнаа да прераснуваат во органи на народната власт.
Токму затоа, 1942 година во Македонија со право може да се нарече година во која е извојувана целосна политичка победа во борбата за придобивање на масите и зајакнување на Народноослободителната и антифашистичка војна.
Формирањето на Комунистичката партија на Македонија (КПМ) во 1943 година и изборот на Централниот комитет (ЦК) значеше осамостојување на политичкото раководство на Македонија, а со преземените мерки и одлуки придонесе за интензивирање на НОВ во Македонија во 1943 и 1944 година
По формирањето на Комунистичката партија на Македонија, најзначаен настан беше одржувањето на Преспанскиот.состанок на ЦК КПМ (2 до 4 август 1943 година). Периодот по Преспанскиот состанок беше исполнет со низа значајни настани од најновата историја на македонскиот народ. Во овој период беа формирани првите единици на Народноослободителната војска на Македонија (баталјонот «Мирче Ацев» на 18 август 1943 година) и се прошируваа слободните територии. Се формираа обласни комитети на КПМ и оперативни зони. Формирани се: Акциониот народноослободителен комитет на Македонија (АНОК) и Иницијативниот одбор за вршење подготовки за свикување на Првото заседание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ). На 20 декември 1943 година се одржа Фуштанското партиско советувањеСе формира Покраинскиот комитет на СКОЈ за Македонија. Главниот штаб на Народно-ослободителната војска и партизанските одреди на Македонија (ГШ НОВ и ПОМ) го издаде Манифестот до македонскиот народ . Се одржа основачкиот конгрес на Народноослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ)
Во текот на 1943 година беа ослободени првите градови во Македонија (Кичево и Дебар). На слободната територија во Западна Македонија се регулираше целокупниот живот: беше организирана мрежа на народната власт (од месни НОО, преку општински, до околиски), потоа беа формирани команди на места во Дебарца, Кичево и Дебар, беа отворени првите училишта со настава на македонски јазик, беа определени пазарни денови, се одржа првиот свештенички собир, се формираа реонски чети и чети од учесници во Илинденското востание, селска милиција и народни судови. Беа избрани 42 делегати за Второто заседание на АВНОЈ. Сите овие елементи зборуваат за зародишот и идните контури на македонската држава уште во вителот на војната.
Во овој период НОБ се развиваше и во другите краишта на Македонија – во Битолско – преспанското подрачје, во Тиквеш, Гевгелија и Велес, на Скопско – кумановското подрачје и во источниот дел на Македонија. Немаше катче во Македонија што не беше зафатено од вооруженото востание.
За растежот и силата на народноослободителното движење во Македонија во овој период сведочи и фактот што германската команда во Струга му предложи преговори на Главниот штаб на НОВ и ПОМ за меѓусебна размена на заробеници. Преговорите се одвиваа во Ботунската Теснина – Охридско, кон крајот на октомври и во почетокот на ноември 1943.
Напоредно со тоа, Македонците од Егејскиот и Пиринскиот дел на Македонија, исто така зедоа масовно учество во борбите против фашистичките ослободители преку формирањето самостојни партизански единици или, пак, вклучувајќи се во составот на единиците на народите во чии граници живееја.
Кон крајот на 1943 година, военополитичката положба во светот и во Југославија стана мошне погодна за донесување одлуки со кои се зацврстуваа резултатите и придобивките на Народноослободителната и антифашистичка војна во Југославија и за давање насоки за нејзино завршување на целиот југословенски простор. Во вакви околности се одржа Второто заседание на Антифашистичкото веќе на народното ослободување на Југославија – АВНОЈ (29 ноември 1943), на кое беа донесени одлуки од огромно значење за натамошниот тек на вооружената борба.
Во одлуката за изградба на Југославија врз федеративен принцип, АВНОЈ на сите народи им загарантира рамноправност и право на самоопределување. Оваа одлука е од посебно значење за македонскиот народ. На ова Заседание тој за првпат во својата историја се здоби со рамноправност со останатите југословенски народи, како резултат на неговото учество во антифашистичката војна.
Периодот од почетокот на декември 1943 година, па се’ до крајот на јули 1944 година, односно до свикувањето на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) на 2 август 1944 година, го карактеризираа, покрај другото, бројни судири и победи против ослободителските војски. Тука спаѓаат зимските операции на единиците на НОВ и ПОМ на територијата на Македонија (Вардарска и Егејска), во периодот декември 1943 – јануари 1944 година, како и Февруарскиот поход. Овие борби се најголеми што се водат на територијата на југословенското боиште во овој период
Успешното изведување на Февруарскиот поход има големо политичко и воено значење за развитокот на НОВ во Македонија воопшто. Во текот на овој поход дојде до израз високата политичка свест на борците и на населението за постигнување на крајната цел – создавање национална држава.
Во пролетта на 1944 година (април – јуни) се водеа жестоки борби со германските и бугарските војски, како и со балистичките формации во неколку реони на долината на Вардар, во Западна Македонија и во Јужна Србија. Овие борби во македонската историографија се познати под името Пролетна офанзива. По завршувањето на оваа офанзива, со исклучок на поважните комуникации и градовите, целата територија на Македонија практично беше ослободена. На слободната територија се развиваше целокупниот живот, насочен во прв ред кон стабилизирање на народната власт и политичките организации. Сите овие услови овозможија непречено свикување на Првото заседание на АСНОМ во манастирот «Св. Отец Прохор Пчињски» во близина на Куманово.
Одлуките и решенијата што ги донесе АСНОМ на своето прво заседание, според својот карактер, имаат уставноправно значење. Тие се донесени врз база на суверената волја на македонскиот народ и неговото право на самоопределување, а во согласност со одлуките на Второто заседание на АВНОЈ. Од тие причини, овие одлуки на АСНОМ служат како основа за понатамошната изградба на македонската државност и посебно за организационото зацврстување и проширување на највисоките државни организаци во Федерална Македонија.
Периодот од Првото до Второто заседание на АСНОМ (август – декември 1944) претставува одделна фаза во Народноослободителната борба на Македонија. По четиригодишната крвава борба, конечно беа реализирани вековните стремежи за национална и социјална слобода. Беше ослободена територијата на денешна Република Македонија.
По конечното ослободување на Македонија, на 19 ноември 1944 година, натамошната дејност на македонските единици во составот на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Југославија се одвиваше во борбите за ослободување на Косово, а подоцна во завршните операции за конечното ослободување на Југославија, по пробивот на Сремскиот фронт и понатаму до Загреб и Марибор.
Вооруженото востание на македонскиот народ од 1941 година бележеше константен пораст до конечното ослободување на Македонија. Тоа може да се следи и преку бројот на партизанските одреди и на воените единици што се формираа на територијата на Македонија. Ако во 1941 година имаше само три партизански одреди, тој број во 1942 година се зголеми на девет. Во 1943 година, беа формирани првите воени единици – баталјоните «Мирче Ацев», «Страшо Пинџур», «Стив Наумов», Кичевскиот, Мавровскиот, «Јордан Николов», Дебарско-младинскиот и двата косовски баталјони «Рамиз Садику» и «Борис Вукмировиќ». Во ноември 1943 година беше формирана Првата македонско-косовска бригада, а во декември истата година, на територијата на Егејскиот дел на Македонија, беше формирана и Втората македонска бригада. Во наредната 1944 година, македонската народноослободителна војска, како составен дел од НОВ на Југославија, посебно во завршните операции за ослободувањето на Македонија, ја сочинуваа: три корпуси (15., 16. и Брегалничко-струмичкиот), во чиј состав влегуваа 7 дивизии со 22 ударни бригади, 4 артилериски бригади, 3 пионерски и една коњичка бригада
Вкупниот број борци и старешини во воените единици во Македонија, во текот на Втората светска војна, ја надмина цифрата од 76 000. Оваа вооружена сила на македонскиот народ и националностите водеше секојдневни борби со германските сили, а исто така и со Петтата бугарска фашистичка ослободителска армија во Македонија, како и со балистичките формации во Западна Македонија. Според изјавата на германскиот командант Лер, при повлекувањето низ Македонија неговата армија претрпела бројни загуби во луѓе, а во исто време била принудена да остави големи количества воен материјал.
Единиците на НОВ и ПО во Македонија, само на територијата на Вардарскиот дел на Македонија, за време на војната врзуваа за себе над 60 000 фашистички ослободители војници и полицајци (бугарски, германски и италијански) Од оваа бројка над 45 000 се наоѓаа на територијата на Македонија, окупирана од Бугарија, а над 15 000 на територијата на Македонија, окупирана од Италија, не сметајќи ги притоа квислиншките албански формации 
Македонците од Пиринскиот дел на Македонија се најдоа во првите редови на антифашистичкиот отпор во Бугарија. Кај раководителите и функционерите на Бугарската комунистичка партија за Пиринска Македнија (поголем број Македонци), уште во почетокот беше јасно искристализирано гледиштето дека преку вооружена антифашистичка борба ќе дојде до длабоки демократски промени во Бугарија. За такви промени, пак, пиринските Македонци беа најнепосредно заинтересирани, сметајќи дека преку борба ќе се изборат за својата правда.
Тоа што вооружените борби во Бугарија почнаа првин во Пиринскиот дел на Македонија, беше резултат на револтот против тешката социјално-економска и денационализаторска политика спрема Македонците на бугарските владејачки кругови, како и на влијанието на националните револуционерни традиции на народот од овој дел на Македонија, каде што Македонците самоиницијативно се организираа и ги имаа првите вооружени судири (на 27 јуни 1941 година) со бугарските фашисти во времето кога такво нешто не беше забележано во другите делови на Бугарија 
По деветтосептемвриските настани во Бугарија, во периодот од 1944 до 1948 година, беа преземени низа мерки од страна на Отечественофронтовска Бугарија за задоволување на националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија. Беше призната посебноста на Македонците и тие се здобија со културна автономија. Беа отворени школи во кои наставата се изведуваше на македонски јазик, со македонски учители. Беше формиран македонски театар и се отворија македонски книжарници.
Меѓутоа, со настаните од 1948 година, по Резолуцијата на Информбирото, со која Југославија беше исклучена од составот на тој форум, дојде до кардинални промени во ставот кон македонската нација и држава. Така, и покрај масовното учество на пиринските Македонци во борбата против фашизмот во текот на Втората светска војна, нивните идеали по завршувањето на војната не се остварија ни делумно.
По распарчувањето и окупацијата на Егејска Македонија, македонското население се најде во уште потешка економска и политичка положба. Сите последици што ги донесе војната на економски и национален план најмногу ги почувствува населението од неразвиеното подрачје, како што тоа беше случај со Егејскиот дел на Македонија.
Македонците од овој дел на Македонија, како и Македонците од Пиринска Македонија, верни на своите национални и револуционерни традиции, сметаа дека е дојдено времето кога треба да се реши нивното прашање, односно со своето учество во отпорот, преку борба, да се здобијат со национални и социјални права. Токму затоа, Македонците од Егејскиот дел на Македонија првите групи за отпор ги формираа уште во текот на април 1941 година, за да ги имаат во мај првите вооружени судири со ослободителски сили (италијански, бугарски), а во септември зедоа масовно учество во познатоте Драмско востание, во кое паднаа многу жртви 
Во завршните фази на Народноослободителната борба во Грција, Македонците од Егејскиот дел на Македонија, како резултат на масовното учество во борбата и извојуваните придобивки на Македонците од Вардарскиот дел на Македонија, создадоа свои национално-политички организации, како што е Славјаномакедонскиот народноослободителен фронт (СНОФ) во рамките на грчкото народноослободително движење. Наместо поддршка во развивањето на овој процес, беа преземани мерки за оневозможување на самоорганизирањето на македонскиот народ. Јасно е дека во таа сложна внатрешна и надворешна ситуација, ако се имаат предвид и поделбите на интересните сфери на победничките сојузнички држави во Втората светска војна, не можеше да дојде до победа на демократските сили во Грција, а уште помалку да им се дадат права на Македонците во рамките на Грција.
Со завршувањето на војната, страдањата на Македонците во Егејскиот дел на Македонија не престанаа. Тие, исто така, зедоа масовно учество во Граѓанската војна во Грција во времето од 1946 до 1949 година. Со ликвидирањето на Демократската армија на Грција (ДАГ), надежите за рамноправност и национална слобода не беа остварени. Во текот на Граѓанската војна и по неа, повеќе под притисок и терор, македонското население беше присилено масовно да емигрира и да се распрсне речиси по сите континенти во светот.
Завршетокот на Втората светска војна, која траеше цели 6 години, и победата над фашизмот, човештвото ги плати со животите на околу педесет милиони луѓе (војници, жени, деца и старци). Советскиот Сојуз со дваесетте милиони жртви е на челното место, Полска со шесте милиони жртви го зазема второто место, а веднаш по неа е Југославија, со милион и седумстотини илјади жртви.
Југословенското боиште во текот на Втората светска војна перманентно за себе врзуваше од 600 до 850 илјади непријателски војници (германски, италијански, бугарски, квислиншки и др.), кои во подруги околности би биле пратени на Источниот фронт во борбата против Советскиот Сојуз. Од друга страна, во периодот на завршните операции за ослободувањето на Југославија, Народноослободителната војска на Југославија ја достигна бројката од осумстотини илјади.
Дури и нешто повеќе, иако краткотрајна, Априлската војна на територијата на Југославија имаше огромно значење за развојот на ситуацијата во текот на Втората светска војна.
Предвидениот план за напад на нацистичка Германија врз СССР, токму поради Априлската војна, мораше да задоцни цели пет недели. Очигледно е што значеше тоа за Хитлеровата стратегија, која планираше брзо заземање на Советскиот Сојуз.
Преку четиригодишната Народноослободителна војна, југословенските народи, вклучувајќи го и македонскиот, не само што се бореа за ослободување од повеќекратните фашистички слободители и нивните квислинзи, туку го исполнија и својот интернационален долг спрема сојузничките сили (СССР, САД, Велика Британија), а им помогнаа и на соседните земји Бугарија, Албанија и Грција во борбата против фашизмот.
Македонскиот народ, во завршните операции за ослободување на Југославија, во борбите против германските војски учествуваше со Петнаесеттиот македонски корпус, чија бројна состојба изнесуваше околу 24 000 борци, или 1/3 од сопствениот воен потенцијал.
Во борбите за победата над фашизмот и по 9 мај се’ до 15 мај 1945 година, само Вардарска Македонија даде 33 000 жртви, вклучулучувајќи ги тука и преку 7 000 македонски Евреи, кои кои бугарскиот ослободител во 1943 година ги депортира во концентрациониот логор во Треблинка, Полска].
Материјалните штети што ги претрпе Македонија во текот на Втората светска војна беа огромни: разурнати или опожарени преку 10 000 домови и над 4 000 јавни објекти; 83 000 случаи на ограбувања; преку 300 000 грла однесен или заклан крупен и ситен добиток; наполно уништени сообраќајници; урнати 170 мостови; уништени 500 км. железничка пруга, или 80% од целата железничка мрежа, како и сите локомотиви и 97% од вагоните. За време на окупацијата неконтролирано се експлоатираше природното богатство – рудниците и шумите. Беа разурнати индустриските капацитети, а работната сила немилосрдно се експлоатираше. Се земаше се’ што можеше да се земе и од земјоделството
Македонскиот народ, кревајќи се на вооружено востание во борбата против фашистичките ослободители, уште во 1941 година застана на страната на антифашистичката коалиција, на чие чело се наоѓаа СССР, Велика Британија и САД. Со доаѓањето, пак, на првите воени мисии при ГШ НОВ и ПО во Македонија – на британската во септември 1943 – на слободната територија на Западна Македонија во Црвена Вода – Охридско а потоа и на американската и советската во 1944 година, всушност беше означено и првото меѓународно признавање на НОБ на Македонија, уште за време на Втората светска војна.
Претставниците на овие мисии, преку своите извештаи, исцрпно и објективно ги информираа претпоставените во своите земји за состојбите во Македонија, меѓу другото, и за тоа дека единствено македонските партизани се борат против повеќекратните фашистички ослободители во Македонија. Дури и нешто повеќе: шефовите на воените мисии на Велика Британија и Соединетите Американски Држави – Сричка и Дикенсон – присуствуваа и ја следеа работата на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. Тие беа сведоци на раѓањето на државата на македонскиот народ – ФЕДЕРАЛНА МАКЕДОНИЈА, прва по Самоиловата од крајот на десеттиот и почетокот на единаесеттиот век (976 – 1018) во рамките на ДЕМОКРАТСКА ФЕДЕРАТИВНА ЈУГОСЛАВИЈА.
Единствено во Вардарскиот дел на Македонија, со создавањето на Федерална Македонија, македонскиот народ се здоби со национална и социјална слобода, слобода платена со процентуално голем број човечки животи споредено со бројната состојба на населението и со огромни материјални штети. Резултатите од антифашистичката војна ги обврзуваат оваа и идните генерации да знаат да ја ценат и да ја бранат скапо платената слобода. На тоа не обврзуваат сите паднати во ослободителните борби за национална слобода и сопствена македонска држава.


извор
http://mk.wikibooks.org/wiki/%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0_%D0%B2%D0%BE_%D0%B1%D0%BE%D1%80%D0%B1%D0%B0%D1%82%D0%B0_%D0%BF%D1%80%D0%BE%D1%82%D0%B8%D0%B2_%D1%84%D0%B0%D1%88%D0%B8%D0%B7%D0%BC%D0%BE%D1%82

_________________
Види аватар!

king

Posts : 8676
Join date : 2014-02-19

Вратете се на почетокот Go down

Re: Македонија во борбата против фашизмот

Пишување by VOL on Нед Ное 13 2016, 10:01



interesni svedostva, zasluzuva da bide ovde.

_________________
The greatest trick the Devil ever pulled was convincing the world he didn't exist. And like that...he's gone.

https://www.youtube.com/watch?v=EZ4ELvmTOnw

VOL

Posts : 13549
Join date : 2014-11-25

Вратете се на почетокот Go down

Преглед на претходна тема Преглед на наредна тема Вратете се на почетокот


 
Permissions in this forum:
Не можете да одговарате на темите во форумот